Сите кактуси се сукуленти, но не сите сукуленти се кактуси!

1136
Атрактивни сукуленти

ШТО Е СУКУЛЕНТ?

Растение кое има физиолошки механизам за складирање на водата во своите растителни ткива, складирајќи ја како резерва за понатамошно функционирање и преживување во услови на суша.
Поради оваа карактеристика, може да се забележи дека листовите на овие растенија се месести, исполнети со вода и задебелени.

Сукулентите, за разлика од останатите растенија имаат адаптација во периодот на отворање на стомите (структури на листот и стеблото). Преку овие структури се овозможува превземање на јаглеродниот диоксид и испуштање на вода и кислород во средината.

За разлика од повеќето растенија, стомите кај сукулентите се затворени преку ден, а се отвораат во текот на ноќта.

Благодарение на овој механизам сукулентите успеваат да ја намалат загубата на вода преку процесот на транспирација (загуба на вода во вид на водена пареа)

ШТО Е КАКТУС?

Кактусите, најчесто бодликави растенија (не сите кактуси поседуваат боцки) имаат една единствена разлика која ги издвојува од останатите сукулентни растенија, а тоа е присуството на ареоли.
Ареолите се мали, кружни, перничести делови кои се наоѓаат на растителното тело и на истите растат боцки, влакненца, листови или цветови карактеристични за даден вид.


Ареолите како структури се присутни само кај кактусите, додека останатите сукуленти ги немаат и поради тоа кактусите се одвоена фамилија, но спаѓаат во класата на сукуленти.
И покрај овој научен доказ, големиот број ботаничари решаваат да ги класифицираат како различни групи растенија, а за и вас да ви е полесно за разбирање, иако веќе научивте што е што и зошто е тоа така, јас ќе ја поддржам оваа двојна класификација која понатаму ќе ви помогне полесно да го разберете пристапот и начинот на одгледување на овие прекрасни растенија.
Не заборавајте дека растенијата секогаш возвраќаат со љубов на вашата посветеност и трпение.

 

НАПОМЕНА:
Авторот има исклучиво материјално право да го користи своето дело и да дозволува или забранува користење на делото за: издавање, репродукција,дистрибуција вклучувајќи и изнајмување.
Секое прекршување на авторското право ќе биде пријавено и ќе се постапува согласно законот.
ПретходнаКАЛАТЕА (НЕГА И СОВЕТИ)
СледнаШТО СЕ ПЕРЕНИ?
Силвана Стефановски
Дипломиран биохемиски инженер и сопственик на првата инстаграм страница која нуди едукација во областа на одгледување растенија @silvsplants. Главен и одговорен уредник на www.botanico.mk