
Теодор е можеби и најмладиот колекционер на егзотични растенија кај нас кој има огромно и темелно познавање како во делот на негата, така и во латинските имиња на видовите кои ги поседува.
Неговата приказна не фасцинираше и сакавме да ја споделиме со сите Вас, а најважно е да ја шириме заедничката љубов – љубовта за растенијата.
1.Здраво Теодор, како се чуствуваш како најмлад колекционер во Македонија?
Интересно е да знаеш дека си можеби најмладиот колекционер во земјата иако сепак во моментот не сум сигурен,голема е веројатноста да сум навистина еден од најмладите колекционери на растенија во Македонија.
2. Кога и како започна твојата приказна со растенијата?
Мојот интерес за растенија започна пред неколку години поточно на моја десет годишна возраст за време на Ковид пандемијата. Во тој период времето го поминував претежно дома и гледајќи на мојот телефон ми се појави видео за растенија.
Од љубопитност го изгледав до крај и тоа го предизвика мојот интерес за растенија.
3. Кое е првото растение кое го купи по сопствена желба, а кое е последно?
Првото растение што го купив беше едена мала Monstera Deliciosa која ја крстив Мими и до ден денес е сеуште со мене и ми е едно од најдрагите и најомилените растенија. Последното растение што го имам земено е Paphiopedilum орхидеа исто така народно позната како Oрхидеа папучарка.

4. Дали сметаш дека ова е хоби за помлади луѓе и зошто?
Според мене одгледувањето растенија е хоби за секоја возраст.
Ова го мислам бидејќи лично мене ми помага околу совладување на секојдневните проблеми и предизвици, ме смирува и ме прави трпелив.
Вложениот труд околу нивната нега е награден со нови млади листови и цветови, а тоа за мене претставува големо задоволство и гордост.
5. Дали има многу луѓе во Македонија кои добро ги познаваат растенијата?
Не знам точно колку луѓе навистина ги познаваат растенијата, но се надевам дека во иднина тој број ќе биде поголем.
Јас лично познавам и сум во контакт со неколку професионалци од оваа област со кои постојано дискутирам и разменувам мислења и искуства околу одгледување на растенија. За жал тие личности што се професионално се занимаваат со оваа област не се во голем број.
6. Каде се гледа Теодор во иднина? Дали сакаш да си биолог или ова би останало твое хоби?
Во моментов моето размислување околу мојата идна професија е поврзана со биологијата и природните науки.
Предизвик ми претставува да ги истражувам егзотичните растенија кои сѐ уште не се толку познати во нашата средина. А како хоби ќе ми остане свирењето клавир.
7. Ако можеш да одбереш само едно растение од твојата колекција, кое би било тоа и зошто?
Ова прашање за секој колекционер на растенија е многу тешко да се одговори.
Имам многу омилени растенија кои ги имам донесено од различни делови на светот и имаат посебно значење за мене. Такви се: Epipremnum Giganteum Variegata и Aglaonema ‘Golden Papaya Cleopatra’ донесени од САД, Philodendron Burle Marx донесен од Бахами, Zig Zag Cactus донесен од островот Закинтос, како и многу други.
И покрај сите овие ретки, интересни, необични и егзотични растенија што ги имам во мојата собна џунгла сепак како најомилена и најдрага ми остана мојата монстера Мими.