КАЛАТЕА (НЕГА И СОВЕТИ)

3745
Калатеа е одличен избор за тебе

КАКО УСПЕШНО ДА ОДГЛЕДУВАТЕ КАЛАТЕА

 

ОПИС

Лат.(Calathea).

Растенијата од овој вид припаѓаат на фамилијата “Marantaceaе” заедно со видовите од родот Маранта лат.(Maranta) и често визуелно знаат да бидат помешани поради сличностите кои ги имаат.

Од неодамна многу од видовите на Калатеи се преместени во друг род – Гоепертиа лат.(Goeppertia), но можете да ги најдете и под двете имиња при пребарување на повеќе информации.

Растенијата кои припаѓаат на родот Калатеи се со впечатливи шари и убава лисна површина, поради што се многу чест избор за декорација во домот.

Колекционерите низ светот се трудат на различни начини да ги задоволат нивните потреби па така можете многу често да сретнете креирани специфични услови само за нив, што изгледа навистина модерно и софистицирано.

СВЕТЛИНА

Местоположбата во вашиот дом е еден од клучните фактори кога станува збор за одгледување на здраво и убаво растение од овој вид.

Потребно е да ја поставите вашата Калатеа на место со силна индиректна светлина или пак да надоместите со вештачки светилки кои се прилагодени на просторот и растенијата кои ги имате во него.

Недостатокот на светлина се одразува со споро напредување и постепено уништување на растението поради тоа што истото не може да ги искористи сите хранливи материи кои ги има во супстратот (почвата).

Внимавајте растението да не го изложувате на директни сончеви зраци, истите можат да го изгорат или листовите да ги изгубат боите кои ги имаат.

НАВОДНУВАЊЕ

Начинот на наводнување е значаен за правилно одгледување на вашата Калатеа.

Водата со која се полеваат растенијата од овој вид мора да биде филтрирана или отстојана бидејќи минералите кои се таложат во истата, многу често предизвикуваат таложење во земјата и нивниот вишок се одразува како кафеави флеки на листот на растенијата.

Освен наводнувањето, важно е правилно да се подготви супстратот(почвата) бидејќи задршка на вода околу корените знае да биде огромен пропуст и да предизвика уништување на вашето растение поради скапување на коренот.

Овие растенија поради потребите кои ги имаат често се вбројуваат во групата на “драма растенија” и поради тоа е важно стресот кој е условен од надворешни фактори да се сведе на минимум.

СУПСТРАТ – ПОЧВА

Земјата во која е насадена вашата Калатеа треба да биде пропустлива, лесна и хранлива.

Користете перлит како додаток во вашата мешавина или готов супстрат.

Секогаш внимавајте почвата да задржува вода, но да не биде премногу глинеста и леплива бидејќи нема да можат корените да дишат и ќе доживуваат константен стрес кој ќе се одрази на надземниот изглед на растението.

ТЕМПЕРАТУРА

Овие тропски растенија уживаат да бидат сместени во топла просторија, која е често проветрувана, но сепак нема драстична разлика во температурата и големи осцилации.

Температура под 10 степени може да биде фатална за растенијата од родот Калатеа.

ВЛАЖНОСТ

Влажноста игра голема улога во одгледувањето убави и здрави Калатеи.

Во текот на зимскиот период, добро би било да ги преместите во вашата бања доколку имате доволно светлина бидејќи грејните тела го сушат просторот.

Освен ова, доколку имате повеќе тропски растенија идеално е да земете навлажнувач на воздухот кој ќе помогне во одржување на константна влажност која е потребна од 50%-70%.

ПРИХРАНА

Овие растенија имаат потреба од константно прихранување во периодот на активен раст и тоа на одреден период кој вие ќе си го одредите.

Внимавајте при подготвување на прихраната и доколку ја користите при секое наводнување, пожелно е да биде разредена двојно од она што е препорачано.

Не прихранувајте во периодот на дорманција, зима.

ТОКСИЧНОСТ

Калатеите се безбедни растенија за деца и миленици, така што немојте да се грижите и оставете ги на локација која најмногу ви се допаѓа.

РАЗМНОЖУВАЊЕ

Размножувањето зависи од видот на растението, но може да се направи од семе или со одделување на делови кои имаат развиен коренов систем.

ДОПОЛНИТЕЛНИ СОВЕТИ

  • Овие растенија често знаат да бидат нападнати од инсекти како што се Трипс или Spider Mites (црвен пајак). Поради ова, важно е постојано да ги проверувате и да третирате со органски алтернативи како Ним масло или препарат од земјоделска аптека. Оштетувањата од штетниците се големи и некогаш растението не може да се опорави од штетата која е нанесена
  • Растенијата се познати и под името – растенија кои се молат бидејќи ги отвораат листовите кога има дневна светлина, а во текот на ноќта истите се спуштени или се собираат кон внатре.
  • Во некои култури ова растение е симбол за нови почетоци и се верува дека носи радост во домот, а освен тоа има и медицинска употреба за некои народни лекови.
НАПОМЕНА:
Авторот има исклучиво материјално право да го користи своето дело и да дозволува или забранува користење на делото за: издавање, репродукција,дистрибуција вклучувајќи и изнајмување.
Секое прекршување на авторското право ќе биде пријавено и ќе се постапува согласно законот.

 

ПретходнаДИФЕНБАХИЈА (НЕГА И СОВЕТИ)
СледнаСите кактуси се сукуленти, но не сите сукуленти се кактуси!
Силвана Стефановски
Дипломиран биохемиски инженер и сопственик на првата инстаграм страница која нуди едукација во областа на одгледување растенија @silvsplants. Главен и одговорен уредник на www.botanico.mk