ЗЕЛЕНИ РАЗГОВОРИ СО “CACTUS FATHER” – Павел Мише

За овој разговор да биде комплетен и да ја споделиме пасијата која расте низ годините, одговори добивме од Павел, кој со задоволство прифати да биде дел од нашите ,,Зелени разговори” 

Здраво Павел, ти благодариме што си дел од нашата рубрика “Зелени Разговори”, може ли да ни кажеш која е твојата поврзаност со природата?

Природата е наш нераскинлив дел.
Денес кога технологија преовладува, ни се чини дека врската со неа е сведена на минимум.
Многу ни е полесно да заглавиме во листање на социјалните мрежи отколку да отидеме на кратка прошетка. Лично чувствувам дека врска со природата на периоди ми е „лабава“ и дека ми треба повеќе од нејзината магија во секојдневниот живот дури и кога не сум во можност да излезам од дома.
Моето решение, ако можам така да го наречам, за поврзување со природата во овие услови и да се чувствувам поблиску до неа беше засадување и одгледување растенија.
Самиот ритуал на грижа за моите растенија во и повеќе од доволно ми пружи конекција со мајката природа. Ние сме дел од неа и таа е дел од нас.

Како што можеме да забележиме, твојот профил на Инстаграм беше прв од ваков карактер, од каде мотивацијата да започнеш со него ?

На почетокот морам да кажам дека мојот профил немаше абер да биде „Зелен профил“.
За роденден на шега од другарите добив кактус, кој ми стана многу симпатичен. Потоа си набавив уште неколку и ги засадив како декор во домот.
Тој период (2011-2013) Инстаграм беше релативно нова мрежа, а јас бев поактивен на Твитер каде имаше тагови од типот #(додади збор)НаДенот. Така се роди тагот #КактусНаДенот од мојата скромна кактус колекција која прерасна во поголема низ годините и полека се пренесе целосно на Инстаграм.
Дневното објавување на кактуси со овој таг беше многу позитивно прифатено од моите пријатели на Инстаграм. Особено ми беше драго кога ќе ми пратеа порака дека сум им бил инспирација за да почнат да одгледуваат кактуси и сукуленти.

Зошто баш кактуси, што е тоа што те привлекува кај нив?

Мојата „опсесија“ со растенијата од фамилијата Cactaceae произлегува од фактот дека се многу самостојни и издржливи, а сепак и покрај нивната грубост во изгледот, знаат да ги родат, според мене најубавите цветови. Дури и да немаат цветови имаат доминантно присуство во природата/домот. Сукулентите и самата знаеш дека во одредени услови, знаат да имаат драматично интензивни нијанси од зелена, портокалово-црвена до пурпурно-виолетова. Мислам дека сето ова е и повеќе од доволна причина (барем за мене) да ми бидат љубов и избор на растенија за одгледување.

Дали има растение кое ти е посебно драго и зошто? Би можеле ли да видиме фотографија од него?

Како беше изразот? „Јас прашале мајката кое дете ѝ е омилено“?
Имам многу, но, ако морам да бирам Aloe vera, видејќи ја чувам од „бебе“ а сега е една огромна грмушка.
Морам да го издвојам Cephalocereus senilis или бушав кактус. Не знам дали ми е меѓу омилените поради фактот дека тој има коса, а јас не.
На трето место, Ferocactus кој ми е омилен бидејќи е ветеран во бандата #КактусНаДенот од самите почетоци.

Алое

Кој е “CactusFather” надвор од социјалните мрежи? Што би истакнал за себе?

Надвор од нив сум Павел Мише. Прва љубов ми е биохемијата, работам во лабораторија за безбедност на храна, а втора љубов ми се развојот и маркетингот на продукти и услуги. Покрај професионалните обврски, мојата пасија и хоби се одгледувањето на кактуси и сукуленти и саксии за нив во мојата домашна урбана џунгла.

Дали растенијата се добро друштво?

Баба ми велеше : Испиј го утринското кафе со нив, подобро ќе те „ислушаат“ од повеќето луѓе. Што и не така далеку од вистината, денес кога сите брзаме и за жал,  немаме време за емпатија и разбирање за опкружувањето околу нас.
Секогаш ми велеше дека растенијата „чувствуваат, знаат, чуствуваат“. Тоа за мене беше лекција дека сите битија чувствуваат внимание и на енергетско ниво.
Една од омилените: „За сѐ во животот за да вроди со плод и цвет, потребни се љубов и внимание“
Имаше многу совети кои од денешен аспект, знам дека не беа лекции само за растенијата.
За мене лично кактусот има одлична аналогија, да најдам убавината каде што никој друг не ја гледа.

Видовме дека на твојот профил има рачно изработени саксии, дали има можност да се нарачаат или си ги правиш само за себе?

Како надградба на моето хоби со кактусите и сукулентите, некако природно се провлече и идејата да изработувам саксии кои ќе бидат несекојдневни, надвор од тоа што може да се набави во локалните продавници и цвеќарници.
Така се роди и мојата идеја за да си ја направам „совршената“ саксија за мојата колекција, која некако суптилно стана комерцијална.

Ти благодариме што ни ја раскажа твојата зелена приказна и ти посакуваме многу успеси во неа и во иднина.

 

НАПОМЕНА:
Авторот има исклучиво материјално право да го користи своето дело и да дозволува или забранува користење на делото за: издавање, репродукција,дистрибуција вклучувајќи и изнајмување.
Секое прекршување на авторското право ќе биде пријавено и ќе се постапува согласно законот.

 

 

ПретходнаСимболи на пластична амбалажа
СледнаБотаничка градина – зелен раскош во скопското сивило
Силвана Стефановски
Дипломиран биохемиски инженер и сопственик на првата инстаграм страница која нуди едукација во областа на одгледување растенија @silvsplants. Главен и одговорен уредник на www.botanico.mk