ОРХИДЕЈА – ФАЛЕНОПСИС (НЕГА И СОВЕТИ)

7384

КАКО УСПЕШНО ДА ОДГЛЕДУВАТЕ ОРХИДЕИ

ОПИС:

(Лат.Orchid – Phalaenopsis)

Во фамилијата на Орхидеи, под родот Фаленопсис припаѓаат околу седумдесет растенија кои се продаваат кај нас како декоративни, егзотични и цветни убавици.

Овие тропски растенија се предизвик за многу љубители токму поради раскошните цветови, а често знаат да предизвикуваат главоболки поради промените на листот и корените како резултат на некоја стрес состојба.

Во овој текст, вниманието ќе го насочиме на решавање на најчестите проблеми и дилеми кои ги имате кога станува збор за одгледување на Орхидеи во домашни услови.

Делови на Орхидеја

СВЕТЛИНА

Индиректна светлина или сончева светлина на источен прозорец е она што им треба за да можат да ја задржат зелената боја на листот и правилно да се развиваат.

Корените треба да се исто така изложени на светлосните зраци што би значело дека е потребно ова растение да биде насадено во транспарентна т.е безбојна/проѕирна саксија.

НАВОДНУВАЊЕ

Кога станува збор за наводнување, треба да се следат некои визуелни сигнали кои ги дава самото растение, со цел да ги задоволиме неговите потреби за вода.

На сликите можеме да забележиме како изгледа коренот кај Орхидеја која има потреба од вода и онаа која има доволно вода во супстратот.

Зелената боја на корените ни означува дека немаме потреба да наводнуваме, а сребрено бели корени означуваат дека растението има потреба од вода.

За да може да се исцедува вишокот на вода и да има коренот дополнителна аерација, добро е саксијата по ѕидовите на целата површина да има отвори.

Отвори по ѕидови на саксија

Освен следење на бојата на корените, треба да се внимава при наводнување да не се наводенува местото означено како круна т.е местото каде се спојуваат листовите.

Навлажнување и задржување на вода во круната доведуваат до постепено скапување на листовите и уништување на Орхидејата.

Уништување поради вода во круната и неправилна земја

СУПСТРАТ – ПОЧВА

Орхидејата секогаш потребно е да се насади во растресита земја, која има простори и каде коренот може да дише.

Најдобро и препорачливо е да се користи кора од дрво која освен што е лесна и идеална за одржување на оптимална влага околу коренот, дава органска поддршка.

Секогаш без исклучок, проверувајте ги купените супстрати. Многу често истите се населени од инсекти и најдобро е да се стерилизираат со превривање или загревање на висока температура.

При пресадување на Орхидејата, потребно е да се проверат корените, да се очистат уништените делови, а здравиот коренов систем да се третира со 3% хидроген со цел да се дезинфицира од потенцијални болести, а дури потоа да се засади во предвидениот супстрат.

Освен кора од дрво, како алтернатива може да се користат лека топчиња или крупен тресет и мешавина од перлит.

Оштетен коренов систем кој треба да се отстрани
Здрав коренов систем кој треба да се исчисти од супстратот и третира со хидроген
Болен коренов систем кој треба да се третира со хидроген 3%

ТЕМПЕРАТУРА

Орхидеите се тропски растенија, па така температурата во просторијата би требало да е над 15 °C. За да се постигнат оптимални услови за цветање се препорачува да има барем десетина степени разлика во дневната и ноќната температура.

ВЛАЖНОСТ

Адвентивните – воздушни корени имаат потреба и се хранат од влажноста во воздухот, па така многу е важно да обезбедиме задоволителна влажност во просторијата со цел нашата Орхидеја да биде зелена и раскошна во надземниот дел т.е листовите.

ПРИХРАНА И ЦВЕТАЊЕ

Орхидеите е пожелно да се прихрануваат до периодот на цветање.  Додека цветаат не е препорачливо да се користи прихрана.

По прецветување, доколку забележиме дека започнува да жолтее гранката, пожелно е истата да се пресече барем 1цм под пожолтувањето, а на местото на пресекот пожелно е да се стави цимет.

Доколку цветните гранки не жолтеат, нивно сечење не е задолжително.

Пожолтување на цветна гранка која треба да се пресече

Зошто паѓаат пупките на мојата Орхидеа?

Доколку ова е прашањето чиј одговор го барате, тогаш ви препорачуваме да погледнете дали вашето растение е заболено од инсекти, дали сте заборавиле да ставите вода, имате намалена влажност во воздухот или грејно тело во близина или пак имате можеби овошје кое поради испуштање на етилен оневозможува вашето растение да цвета.

Доколку сте сигурни дека ова не се причините што вашата Орхидеја не цвета, проверете го коренот на растението.

РАЗМНОЖУВАЊЕ

Кеики Орхидеи или млади Орхидеи кои растат на цветната гранка. Можат да пораснат природно или помогнато со растителни хормони.

Освен со млади изданоци, може да се пропагира и преку гранка, што е многу потежок процес и не се препорачува за почетници.

Кај нас многу често можете да најдете Кеики паста која  е фито-мешавина штого стимулира процесот кај орхидеите за создравање на „НОВ ЖИВОТ”.

Кеики пастата се нанесува на цветна гранка каде има “заспано око”.
Најпрво се отстранува мембраната со пинцета, под неа се наоѓа заспаното око на кое се нанесува паста за Кеики околи 1-2 милиметри.
Паста за Кеики се нанесува еднаш, а по потреба може и вторпат. Со нанесување на Паста за Кеики после 2-3 недели се појавува нова форама на заспаното око, во следниот период се формира нов живот од заспното око, кое може да биде нова круна на Орхидејата или нова цветна гранка.
 

ДЕТЕКЦИЈА НА ПРОБЛЕМ

  • Кога купувате ново растение, проверете ги корените и третирајте ги превентивно со 3% хидроген. Многу често се продаваат во мрежеста обвивка или сунѓер кој го гуши коренот и оневозможува развој по прецветување.
  • Доколку вашата Орхидеја започнала да скапува и има многу мал дел останат од кореновиот систем, најдобро е да се премине на рехабилитација во водена средина со што ќе се стимулира развој на нови корени. Потребно е Орхидејата само со долниот дел да е потопена во вода, а круната да е над водената рамнина. Водата да е филтрирана и да се менува на 10тина денови, притоа може на секоја промена на водата да се додава по една капка прихрана за Орхидеи.

    Одгледување во воден медиум
  • Доколку започне пожолтување на само еден лист од вашата Орхидеа, без на истиот да се појават флеки или оштетувања, тогаш станува збор за природно отфрлање на листовите и обновување, па немате потреба да се грижите и да превземате никакви чекори за спасување на вашето растение.
  • Дамки по листовите кои се шират означуваат дека вашата Орхидеја има фунгално заболување и потребно е соодветно да третирате со препарат од земојделска аптека.
  • Темно обоени листови означуваат дека на вашето растение му е потребно повеќе светлина.

 

НАПОМЕНА:
Авторот има исклучиво материјално право да го користи своето дело и да дозволува или забранува користење на делото за: издавање, репродукција,дистрибуција вклучувајќи и изнајмување.
Секое прекршување на авторското право ќе биде пријавено и ќе се постапува согласно законот.
ПретходнаАЗАЛЕА (НЕГА И СОВЕТИ)
СледнаБезбедни растенија за деца и миленици
Силвана Стефановски
Дипломиран биохемиски инженер и сопственик на првата инстаграм страница која нуди едукација во областа на одгледување растенија @silvsplants. Главен и одговорен уредник на www.botanico.mk