Дали треба да ги сечете цветните гранки ?
Секогаш кога ги кратам цветните гранки на моите сукуленти, добивам изненадувачки реакции и поради тоа решив да пишувам на темата и да објаснам зошто се препорачува кратење на цветните гранки и во кои случаи.
Улога на цветот кај растенијата?
Кај сите растенија без исклучок, цветот претставува орган чија улога е репродукција на видот преку создавање на семен материјал.
Репродуктивната фаза е период на зрелост, во кој растенијата имаат способност за полово размножување.
Оваа фаза опфаќа неколку процеси: индукција на цветови, развиток на цветовите, опрашување и оплодување,развиток на семе и плод.
На крајот од животниот циклус, кај растението доаѓа до фазата стареење и смрт. Според тоа, процесите на растење и развиток не можат да се одделат од процесот на диференцијација
Цветовите кај растенијата со таа намера привлекуваат различни инсекти кои се опрашувачи и на тој начин се помага процесот на опрашување.
Опрашувањето е процес кој се врши со помош на: инсекти и други животни (зоофилија), ветер (анемофилија) или со помош на вода (хидрофилија).
Освен овие начини на природно опрашување, постои и антрополошки фактор во овој процес, а тоа е опрашување со помош на човекот.
Зошто е потребно да се сечат цветните гранки?
На фотографиите може да се забележи штетата која ја претрпува растението како резултат на цветањето, но зошто?
Процесот на цветање е фаза која сама по себе користи многу енергија од растението, а таа енергија се добива преку хранливите материи кои кај сукулентите се акумулираат во ткивата на листовите.
Како што може да се види, растенијата кај кои цветните гранки се оставаат подолго време да стојат, губат од својата компактност, црпат енергија од долните листови, се издолжуваат и уништуваат за да го овозможат овој процес.
Самиот овој процес е со цел опрашување, создавање семе и оплодување, но доколку немаме цел да опрашуваме и одгледуваме хибриди или соеви од наш семенски материјал, најдобро е растението да се ослободи од цветните гранки со цел да ја задржи својата компакност и убав изглед.