Фотографија на Христина Крстеска
Фотографија на Христина Крстеска

КАКО УСПЕШНО ДА ОДГЛЕДУВАТЕ АЛОКАСИЈА

ОПИС:

(Лат.Alocasia)
Растенијата од овој род припаѓаат на фамилијата Araceae и народно се познати под името слоново уво.
Ова растение има убави, најчесто крупни зелени листови со изразена контрастна нерватура на листот што прави да биде атрактивно за колекционерите на ретки и уникатни растенија.
Листовите имаат широк-срцевиден или пак облик на стрела, со убава текстура и некогаш брановидни краеви.
Боите варираат зависно видот на растението, но секогаш воодушевува со својот изглед.
Алокасиите не претставуваат проблематични растенија, но секако потребно е да се следат некои услови за да имате здраво и убаво растение од овој вид во вашиот дом.
Овие суптропски растенија потекнуваат од Азија и Источна Австралија и природно растат под големи дрвја, а нивните листови достигнуваат огромни величини.
Во активната сезона, доколку се овозможени правилни услови за развој, ова растение може да изненади со многу нови листови во краток временски период.
Да погледнеме накратко како можеме да обезбедиме идеални услови за здрави и убави растенија од овој род.

Фотографија на Христина Крстеска

СВЕТЛИНА

Овие растенија се прилагодливи и може да толерираат и послаба и посилна индиректна светлина.
Зависно од светлината која ја добива растението, истото ќе расте побрзо или побавно.
Доколку сакате да имате поголемо и брзо растечко растение, обидете се да ја поставите вашата Алокасија на место каде ќе добива доволно светлина за да расте правилно.
Доколку немате место со многу светлина, бидете трпеливи со вашето растение.
Во текот на топлите месеци, Алокасиите може да ги изнесете надвор, но бидете претпазливи да не бидат изложени на силна сончева светлина бидејќи постои можност да изгорат.

Фотографија Лепа КараШабанов
Фотографија Лепа КараШабанов

НАВОДНУВАЊЕ

Користете супстрат (почва) која задржува влага, но има добра дренажа (водата брзо истекува од саксијата).
Најдобро е да наводнувате умерено, не треба да ставате премногу вода, но не треба да оставате долго време да биде сува почвата од едно до друго наводнување.
Идеално е да наводнувате од долу, што значи да ставате вода во сад од кој ќе прима вода по потреба.
Премногу вода може да направи истата да се задржува околу корените и вашето растение да почен да скапува.
Еднаш неделно во текот на активната сезона и два пати месечно во текот на зимскиот период е сосема доволно да наводнувате доколку имате добра почва во која е насадено растението.

СУПСТРАТ – ПОЧВА

Најдобро е да кориситете тресет, кокосови влакна или сфагнум мов со цел да постигнете идеална влажност на земјата.
Исто така потрудете се земјата која ја користите да не задржува вода, т.е да има способност вишокот вода да го пропушта.
Добро е да додадете и хранлив компост или хумус бидејќи овие растенија сакаат нутритивно богата почва.

ТЕМПЕРАТУРА

Ова растение сака константна температура и реагира на големи осцилации со отфрлање на листовите или пак промена на боја.
Обидете се температурата на просторијата во која ја чувате вашата Алокасија да не е пониска од 16 степени и растението да не биде во близина на врата или места каде има провев и каде ќе доживува периодичен стрес.
Очекувајте дека во текот на зимскиот период растенијата најчесто влегуваат во дорманција поради разликата во дневната и ноќната температура и треба да ги зачувате луковиците откако ќе паднат листовите и да ги наводнувате периодично до почетокот на новата активна сезона.

ВЛАЖНОСТ

Овие растенија сакаат висока концентрација на влага во просторијата, па така во зимскиот период кога имаме употреба на грејни тела, доколку не се влезени во дорманција, треба да се прскаат често и листовите да се пребришуваат со крпа.
Доколку имате доволно светлина во бањата можете да ги поставите таму и да претставуваат интересен декор.

ПРИХРАНА

Во активната сезона потребно е да се прихрануваат почесто со цел брз раст и здрав изглед на растението.
Внимавајте на концентрацијата на прихраната, секогаш користете прихрана како што е препорачано од производителот.
Избегнувајте прихранување на растението кога истото е во дорманција или во фаза на скапување.

ТОКСИЧНОСТ

За жал клеточниот сок на овие растенија е токсичен за миленици и луѓе поради присуството на оксалати и најчести последиците се: дијареа, вртоглавици, повраќање

Ова растение не е штетно доколку не се изеде или ингестира на било каков начин така што слободно може да го одгледувате доколку го изолирате во случај да имате миленик или мало дете дома.

РАЗМНОЖУВАЊЕ

Овие растенија може да се размножат со одделување на луковици, отсекување на здрави ограноци и презакоренување во вода или одделување на изданоци со сопствен корен.

ДОПОЛНИТЕЛНИ СОВЕТИ 

  • При секое наводнување добро е минимално да го ротирате растението за да се развива правилно и без накривување према светлосниот извор
  • Пресадувајте секогаш по купување со цел да проверите дали има штетници или пак можеби мрежичка/материјал околу корените кој може да направи проблем во растот и развојот.
  • Доколку забележите пожолтување или овенување на листовите, најдобро е да ги отсечете, со цел растението да ја насочи енергијата на развој на нови ограноци наместо спасување на оние кои умираат.
  • Често проверувајте дали има населување на инсекти и повремено можете да користите Ним масло за заштита од штетници.
  • Се додека луковицата е здрава, има надеж да имате нови растенија.
НАПОМЕНА:
Авторот има исклучиво материјално право да го користи своето дело и да дозволува или забранува користење на делото за: издавање, репродукција,дистрибуција вклучувајќи и изнајмување.
Секое прекршување на авторското право ќе биде пријавено и ќе се постапува согласно законот.
ПретходнаСечење на цветните гранки кај сукуленти
СледнаДИФЕНБАХИЈА (НЕГА И СОВЕТИ)
Силвана Стефановски
Дипломиран биохемиски инженер и сопственик на првата инстаграм страница која нуди едукација во областа на одгледување растенија @silvsplants. Главен и одговорен уредник на www.botanico.mk