МАЛКУ СВЕТЛИНА – ГОЛЕМА ЖЕЛБА ЗА РАСТЕНИЈА
Многу често во нашиот дом немаме доволно простор за сите растенија да ги ставиме во близина на прозорците или пак едноставно местоположбата на просториите не е исполнета со доволно светлина, а сепак сакаме да одгледуваме растенија.
Поради тоа, доколку сакате да одгледувате растенија, а имате минимални светлосни услови, направивме листа за вас која ќе ви го олесни изборот при следното купување:
1.Сребрен Потос (Scindapsus pictus)
Растение кое е одлично за внатрешни простории, а е атрактивно бидејќи расте и на места каде нема достапност на многу светлина.
За да има изразени сребреникави листови, потребно е да добива убава индиректна светлина, но добро се снаоѓа и во темни простории.
Потребно е да се прска повремено за да може да има оптимален развој.
Ова растение треба да биде недостапно за деца и миленици бидејќи е токсично доколку се конзумира или внесе во уста.
- Боја на лист: Зелена и сребреникава
- Светлина: Може да издржи и во места со помалку светлина
- Големина: Ова растение ползи, па така може да достигне голема должина на ограноците
- Тежина на одгледување: Лесно и погодно за почетници
2.Драцена (Dracaena marginata)
Ова растение може да толерира и сенковити позиции, а расте навистина интересно со остри тенки листови, поставени во метличеста структура со зелена боја (иако бојата може да варира кај некои подвидови кои имаат одреден степен на вариегација)
Лесна е за одгледување и е одлично растение за вас или за подарок.
Најдобро е да биде во близина на прозорец каде ќе добива индиректна светлина.
Ова растение е исто така токсично за миленици доколку се конзумира.
- Боја на лист: Зелена
- Светлина: Умерена
- Големина: Возрасните примероци достигнуваат големини и над 2м.
- Тежина на одгледување: Лесно и погодно за почетници
3. Хипоестес (Hypoestes phyllostachya)
Љубителите на растенија кои имаат обоени листови, веднаш ќе посакаат да имаат барем еден примерок на Хипоестес во домот.
Листовите се одликуваат со интересни листови во розева основа и зелени дамки низ нив. Овие растенија може да се чуваат и внатре, но и надвор, а и во двата случаи побаруваат сенковита местоположба. Премногу сонце може да направи обојувањето да избледе.
- Боја на лист: Прошарани листови со розеникави, зелени, бели, виолетови дамки
- Светлина: Делумно затемнета
- Големина: 30-60 цм
- Тежина на одгледување: Лесни за одгледување
4. Филадендрон (Philodendron ssp.)
Овие растенија природно растат во сенковити предели, па така одлично напредуваат на места со силна, индиректна светлина.
Премногу светлина може да ја изгори површината на листот.
- Боја на лист: Зелена
- Светлина: Делумно сенковито
- Големина: Во просек до околу 1м. висина, 30-60 цм широчина
- Тежина на одгледување: Лесни
5. Маранта – растенија кои “се молат” (Maranta leuconeura)
Растенијата го добиле називот “растенија кои се молат” поради движењето на листот зависно светлината т.е фотопериодизамот.
Во текот на ноќта, растението ги склопува своите листови и изгледа како да се моли.
Ова се тропски растенија, со овални листови во три бои.
Добро се развиваат во внатрешни услови доколку им се овозможи место со добра влажност и оптимална температура.
Овие растенија толерираат и местоположба со слаба светлина и не треба да се изложуваат на директно сонце.
Идеална местоположба е во близина на прозорец од каде ќе добиваат индиректна светлина.
- Боја на лист: Темно зелен лист со линии во жолта или црвена боја
- Светлина: Делумно/ минимална
- Големина: 15-30 цм висина и ширина
- Тежина на одгледување: Делумно тешки
6.Монстера (Monstera ssp.)
Растенијата кои припаѓаат на родот Монстера имаат интересни и впечатливи форми.
Љубителите на растенија речиси секогаш одбираат да имаат барем еден примерок на Монстера во домот.
Ова растение ужива во местоположба со слаба индиректна светлина, па така лесно ќе се прилагоди на условите кои ќе му ги понудите.
- Боја на лист: Зелена, некои видови имаат вариегација или осветлување во шарите на листот
- Светлина : Умерена индиректна светлина
- Големина : Стигнува и до 1 метар
- Тежина на одгледување: Лесно
7.ЗЗ растенија – Замиокулкас (Zamioculcas zamiifolia)
ЗЗ растенијата важат за растенија кои можат да преживеат дури и во места без никаква дневна светлина, поради ова и често се дел од канцеларии кои се целосно затемнети.
Ова растение е народно познато како растение кое носи пари и благосостојба, а неговиот изглед е впечатлив, со ситни листови, наредени на долги гранки кои стојат исправено.
Во секој случај, место со умерена индиректна светлина е препорачано и најдобро за овој вид да расте и да се равива.
Освен што толерира места без светлина, може да издржи долго време без вода.
- Боја на лист: Темно зелена
- Светлина: Умерена индиректна светлина
- Големина: Возрасните единки достигнуваат и над 1м висина
- Тежина на одгледување: Лесно
8.Спатифилум (Spathiphyllum)
Навистина популарни собни растенија кои можат да се прилагодат на условите кои ќе им бидат понудени.
Лесно се одгледуваат и во знак на благодарност изненадуваат со елегантен бел цвет.
Индиректна светлина, правилно наводнување и многу љубов е се што им е потребно за да изгледаат добро.
- Боја на лист: Зелен лист, бел цвет
- Светлина: Умерена индиректна светлина
- Големина: Може да достигнат ширина и висина до 1м.
- Тежина на одгледување: Делумно лесно
9. Антуриум (Anthurium spp.)
Антуриум или фламинго, влегува во родот тропски растенија со светла боја на цветови и сјајни листови.
Овие растенија одгледувани во домашни услови, бараат висока влажност и постојана влага на супстратот со што истиот не треба да задржува премногу вода, но и да не е премногу сув.
Индиректна светлина ги задоволува нивните потреби за растење.
- Боја на лист: Зелен лист. Цвет со бела, розева или црвена боја
- Светлина: Умерена светлина
- Големина: 30-60 цм. ширина и висина
- Тежина на одгледување: Делумно тешко
10. Сансеверија (Sanseveria)
Сансевериите се интересни растенија кои го носат народното име ,,индиско перо” или ,,сверквин јазик” поради изгледот на своите листови.
Овие растенија многу често се првиот избор на луѓето кои сакаат да имаат растенија, но да немаат премногу обврски околу истите.
Можеме да кажеме дека се навистина самостојни и потребно е да заливате ретко, а притоа не бараат многу светлина.
- Боја на лист: Различна шара на лист
- Светлина: Умерена/слаба индиректна
- Големина: Може да достигнат ширина и над1м.
- Тежина на одгледување: Одлично за почетници