Грешки по купување ново растение

988

Оваа објава е за сите кои многу често ги уништуваат растенијата брзо откако ќе ги купат или добијат за подарок.

Многу често при внесување на растенијата во нашиот дом, правиме или не правиме одредени чекори кои ќе ни помогнат да имаме поубави, здрави и долготрајни растенија.

Би сакала на кратко да ви објаснам како би можеле од денес да внимавате повеќе и веќе следното растение да го задржите подолго во вашиот дом и колекција.

1.Не го проверувате растението при купување

Бидејќи најголемиот дел од растенијата кои се наоѓаат во продажните центри се увозни, голема е веројатноста при транспорт истите да се заразат од инсекти, паразити или да добијат одредена фунгална болест.

За жал, не секогаш имаме можност да забележиме на прв поглед или да одбереме растение бидејќи често ги добиваме како подароци, но она што можеме да направиме е првите две недели да го чуваме растението во “карантин” т.е подалеку од растенијата кои ги имаме дома.

Со тоа што растението ќе биде подалеку од останатите растенија, ние ќе имаме можност да го следиме и третираме доколку е потребно, а со тоа да ги заштитиме другите видови и потенцијално заболување.

трипс на фикус
Фикус со трипс на листот

2. Пресадувате веднаш

Откако ќе купите некое растение, независно од сезоната, потребно е истото да го оставите да се адаптира на температурата каде што планирате да го чувате понатаму.

Доколку купувате растенија во лето/зима кога температурата драстично се разликува на многу места, потребно е да го адаптирате вашето растение неколку дена на средна температура со цел полесно да се прилагоди на новите услови.

Дополнителна работа што треба да ја земете во предвид е да оставите почвата да се исуши пред да пресадите, нема да ви биде пријатно да влезете со мокри чорапи во суви чевли, зарем не?

Со ова овозможувате коренот да се навикне побрзо на температурата на новата земја во која ќе биде пресадено, а со тоа се намалува и стресот кој ќе го доживее растението со пресадувањето.

Избегнувајте пресадување доколку растението е здраво, а сте го купиле надвор од активна сезона. Најдобар период за пресадување е пролет и есен, но тоа не значи дека при детекција на проблем треба да чекате идеален термин.

3.Наводнувате веднаш

Ова е поврзано со адаптацијата на растението во вашиот дом. Оставете барем една до две вечери, зависно колку е сува земјата, да се адаптира растението, па потоа наводнувајте.

Кога купувате нов дом, веројатно не влегувате веднаш во кујна да готвите, па така не очекувајте од растенијата веднаш да се прилагодат и да продолжат исто да се развиваат.

4. Не го проверувате коренот

Проверката на коренот е од исклучителна важност, дури и да не планирате да го пресадувате воопшто растението.

Како што напоменав на почетокот, постои можност да има фунгална болест која го нападнала коренот и истиот е во почетна фаза на скапување, па доколку не реагирате на време, за брзо вашето растение ќе се уништи.

Друга можна опција и многу често присутна е мрежа од ткаенина околу коренот или пластично заштитно капаче кое не дозволува коренот да расте и на тој начин поради недостиг од хранливи материи, растението постепено се уништува.

Ткаенина околу коренот
Ткаенина околу коренот
Корен ослободен од парчето ткаенина

 

 

НАПОМЕНА:
Авторот има исклучиво материјално право да го користи своето дело и да дозволува или забранува користење на делото за: издавање, репродукција,дистрибуција вклучувајќи и изнајмување.
Секое прекршување на авторското право ќе биде пријавено и ќе се постапува согласно законот.
ПретходнаКРАСУЛА ПЕРФОРАТА (Crassula perforata variegata)
СледнаGraecoanatolica macedoniсa – ендемит за Дојранското Езеро
Силвана Стефановски
Дипломиран биохемиски инженер и сопственик на првата инстаграм страница која нуди едукација во областа на одгледување растенија @silvsplants. Главен и одговорен уредник на www.botanico.mk