ДИФЕНБАХИЈА (НЕГА И СОВЕТИ)

2839
Дифенбахија
Убаво растение за сечиј дом

КАКО УСПЕШНО ДА ОДГЛЕДУВАТЕ ДИФЕНБАХИЈА

ОПИС:

(Лат. Dieffenbachia)
Растенијата од овој род припаѓаат на фамилијата “Araceae” и се познати под името “Dumb Cane” или во превод “глупава трска”.
Овие растенија се одликуваат со големи зелени листови на кои има шари со впечатлива светло жолтеникава боја, поради која имаат и многу обожаватели.
Ова растение е познато по својата способност да помага во прочистување на воздухот на начин што елиминира токсини како што е ксиленот од него. Сепак, за да почуствувате разлика, потребно е да имате многу растенија со вакви карактеристики на мала површина.
Дифенбахијата потекнува од Бразил, но нејзиното име датира од 19 тиот век кога австрискиот ботаничар Џозен Дифенбах ја донел од Австралија во Royal Palace Gardens Schönbrunn во Виена и во чест на својот градинар, сопственикот на градината на ова растение му го дал неговото име.

СВЕТЛИНА

Ова растение најдобро се развива на умерена-силна амбиентална светлина, но и како канцелариски растенија брзо се прилагодуваат на флуоресцентна вештачка светлина.
Доколку овозможите добра изложеност на надворешна светлина, растението ќе има крупни листови и изразена боја на шарите, за разлика од растение кое би било поставено на послаба индиректна светлина.
Директна сончева светлина треба да се избегнува бидејќи може да ја оштети површината на листот.

НАВОДНУВАЊЕ

Наводнувањето треба да биде умерено и внимателно. Ова растение сака умерено влажен супстрат, па затоа е добро да се проверува пред да се наводнува.
Потребно е 2/3 од земјата да бидат суви пред повторно да наводнувате, со цел да не дојде до скапување.

Во случај на скапување ќе приметите потемнување на листовите, омекнување на стеблата и оштетување на корените.

Во ваков случај најдобро е растението да се извади од земја, да се очисти здравиот дел и да се премине на спасување на истиот преку повторно ‘ртење и презакоренување или пак пресадување во сува земја и внимателен третман.

СУПСТРАТ – ПОЧВА

Супстратот треба да е хранлив, пропустлив, но и да задржува влага со цел растението да не почне да ги отфрла своите листови.
Одберете земја која во себе има перлит или во веќе готов супстрат додадете глинени лека топчиња или перлит.

ТЕМПЕРАТУРА

Многу е важно ова растение да не биде изложено на големи промени во температурата особено во периодите на адаптација и премин на едно во друго годишно време.
Секоја голема температурна промена е стрес за растението и може негативно да се одрази на неговото равивање.

ВЛАЖНОСТ

Ова растение ќе биде задоволно со умерена влажност на просторијата, па поради тоа се препорачува периодично да се прска со пумпица или да се пребришуваат листовите со памучна крпа и млака према ладна вода.

ПРИХРАНА

Прихранување на ова растение е потребно и се препорачува да се прави во пролетниот период.

Најдобро е да се користи течна прихрана и да се аплицира зависно од тоа колку е изложено растението на сончева светлина.

Прихранувајте почесто доколку растението е на посветла локација.

Избегнувајте прихранување на растенијата од периодот на Ноември до Април.

Овие растенија често цветаат, но може и да не ги забележите цветните гранки поради крупните листови.

Цветот е бел и крупен, а изгледа неверојатно.

ТОКСИЧНОСТ

Поради оксалатните кристали кои ова растение ги содржи во клеточната течност, претставува опасност доколку се конзумира.

Доколку се изеде дел од ова растение може да дојде до парализирање на дишните патишта како и делумно/целосно губење на способноста за говор.

Ова растение не претставува опасност како декор во вашиот дом, но доколку имате љубопитни миленици или деца, препорачуваме да го преместите на локација која е тешко достапна за нив.

РАЗМНОЖУВАЊЕ

Ова растение најлесно се размножува со одделување на корени кои ги има од страните или сечење на ограноци.

Доколку го применувате методот на сечење ограноци, секогаш користете ракавици и стерилно сечило кое нема потоа да го користите во исхрана бидејќи како што напоменавме се работи за токсично растение.

При отсекување на ограноците преминете на методата ‘ртење на растението во вода која дава резултати за околу две недели. Секогаш користете проѕирен сад.

ДОПОЛНИТЕЛНИ СОВЕТИ

  • Доколку приметите дека растението отфрла од долните листови тоа е знак дека можеби ставате премногу малку вода или пак е потребно да биде пресадено во поголема саксија бидејќи има недостаток на простор и хранливи материи.
  • При процесот на адаптација(пресадување, преместување, промена на сезона) нормално и очекувано е листовите да бидат овенати и да не изгледа растението најдобро што може, бидете трпеливи и не правете премногу промени одеднаш бидејќи создавате дополнителен стрес
  • Не заборавајте да користите ракавици при пресадување или сечење на ова растение поради неговата токсичност.

 

НАПОМЕНА:Авторот има исклучиво материјално право да го користи своето дело и да дозволува или забранува користење на делото за: издавање, репродукција,дистрибуција вклучувајќи и изнајмување. Секое прекршување на авторското право ќе биде пријавено и ќе се постапува согласно законот.
ПретходнаАЛОКАСИЈА (НЕГА И СОВЕТИ)
СледнаКАЛАТЕА (НЕГА И СОВЕТИ)
Силвана Стефановски
Дипломиран биохемиски инженер и сопственик на првата инстаграм страница која нуди едукација во областа на одгледување растенија @silvsplants. Главен и одговорен уредник на www.botanico.mk