Подгответе супстрат за било кое растение

1415

ПОДГОТОВКА НА СУПСТРАТ

Сите растенија имаат различни потреби, па така многу често знаеме да се запрашаме кој е идеалниот супстрат за видот кој го одгледуваме и како да не погрешиме при негова подготовка.

Во овој текст се објаснети неколку чекори кои ќе ви помогнат да го креирате идеалниот супстрат за да можете да ги одржувате вашите растенија здрави и среќни.

1. ОДБИРАЊЕ ОСНОВЕН СУПСТРАТ

Што значи основен супстрат?

Тоа е земјата која ќе ви биде во саксијата/садникот во најголем процент и во која ќе ги додавате останатите, дополнителни компоненти кои се потребни за да може едно растени правилно да се развива.

Каква земја ќе одберете за вашето растение зависи од видот којшто го имате дома, за собни – саксиски растенија секогаш можете да користите универзална мешавина која во себе пожелно е да има перлит.

За растенија во вашата градина, слободно можете да користите убаво преработена земја од вашата градина во која ќе додадете универзална земја или хумус.

Во основниот супстрат секогаш можете да додадете хумус зависно потребите на растението, а можете да мешате и ровкаста земја со тресет доколку растенијата кои ги садите имаат потреба од поголема влага.

Структура на тресет
Кокосов тресет отстојан во вода

2. ДРЕНАЖА

Со зборот дренажа се означува способноста на земјата да го исфрла вишокот на вода т.е да не ја задржува околу коренот со што ќе предизвика скапување на корените.

Дренажа можете да постигнете на различни начини со додавање на неоргански материјал кој ќе овозможи создавање на меѓупростори низ кои ќе минува водата.

Дренажа на саксиски растенија се постигнува со ставање на слој камен на дното на саксијата или со додавање на различни неоргански компоненти во самата мешавина.

Зависно видот, за дренажа може да се користи: песок (за кактуси), кршена цигла, каменчиња со различна големина, кварц, кршен мермер, речен камен, туцаник итн.

Со добра дренажа вашите растенија ќе бидат многу поздрави и поубави.

Камчиња за дренажа
Камчиња за дренажа

 

3. ДОПОЛНИТЕЛНИ КОМПОНЕНТИ

Додавањето на дополнителни компоненти секогаш го олеснува одгледувањето на растенија, помага за формирање здрав коренов систем и поубава лисна вегетација, а секако потикнува и цветање.

Најчести дополнителни компоненти кои можете да ги користите, а се лесно достапни во нашите простори се:

  1. Перлит – На изглед личи на стиропор, но претставува вулканска карпа распукана на многу висока температура која помага во аерација и е добра поддршка за секој супстрат затоа што не дозволува вишокот влага да се задржува долго во саксијата.
  2. Вермикулит – Најдобар пријател за растенијата во вашата градина, но и за саксиски растенија кои имаат потреба од константно влажен, но не премногу воденест супстрат.
    Перлит (бело( и вермикулит (кафено)
    Мешавина со перлит и вермикулит

     

  3. Глинопор/Лека топчиња – Многу добра алтернатива за луѓе кои сакаат да направат едноставен супстрат од една компонента за растенија кои сакаат влага и треба да се исуши добро супстратот помеѓу наводнувања (Орхидеи, Потоси, Филадендрони итн), но овие топчиња се добри и за мешање во самиот супстрат, како и за ставање на дното на саксијата.
    Истите задржуваат влага, помагаат во подобрување на дренажата и аерацијата и со тоа формирање на здрав коренов систем.

    Лека топчиња
    Одгледување растенија само во лека топчиња

    Мешавина со лека топчиња
  4. Кора од дрво – Ова е исто така добра компонента, генерално составен дел од супстратите за Орхидеи, но истата е добра органска подлога за супстрат подготвен во домашна употреба, а дополнително овозможува и дренажа и аерација на коренот.
Мешабина со кора од дрво

 

НАПОМЕНА:
Авторот има исклучиво материјално право да го користи своето дело и да дозволува или забранува користење на делото за: издавање, репродукција,дистрибуција вклучувајќи и изнајмување.
Секое прекршување на авторското право ќе биде пријавено и ќе се постапува согласно законот.
ПретходнаPlantroom Macedonia – Инспиративна приказна од пар со пасија кон природата
СледнаGarden flowers by Leny &Deny
Силвана Стефановски
Дипломиран биохемиски инженер и сопственик на првата инстаграм страница која нуди едукација во областа на одгледување растенија @silvsplants. Главен и одговорен уредник на www.botanico.mk