КАКО УСПЕШНО ДА ОДГЛЕДУВАТЕ УКРАСНА БЕГОНИЈА – BEGONIA REX
ОПИС:
лат. Begonia Rex
Украсните Бегонии познати под видовите Begonia Rex се декоративни растенија кои се одгледуваат поради листовите, нивните бои и форми.
Овие растенија припаѓаат на фамилијата Begoniacea и се навистина лесни за одгледување доколку им ги погодите условите.
Низ годините бројот на украсни бегонии се зголемува преку хибридизации, па денес постојат преку 500 култивирани видови на украсни бегонии кои секојдневно ги изненадуваат колекционерите на овие гламурозни убавици.
Во продолжение прочитајте како да успеете да ја сочувате и негувата вашата Бегонија.
СВЕТЛИНА
Умерена индиректна светлина е она што ви е потребно за да имате здраво растение, со изразени бои и крупни листови.
Бегониите не сакаат силна сончева светлина, особено не директна, но тоа не значи дека треба да ги ставите во потполна сенка и со тоа да се уништи интензитетот на боите.
Идеално е место покрај голем прозорец на западна/северна страна каде сончевите зраци ги нема или се на минимум.
НАВОДНУВАЊЕ
Кај овие растенија важно е да ги следите листовите и како се тие поставени.
Вообичаено кога растението е во недостаток на влага, листовите паѓаат надолу и немаат компактен (збиен) распоред.
Најдобро е да наводнувате обилно, со голема количина на вода, притоа истата треба да минува низ саксијата, а да не се задржува во земјата во целост за што ви е потребно да подготвите правилен супстрат.
СУПСТРАТ – ПОЧВА
Земјата за бегониите треба да биде лесна, пропустлива и со компоненти за задржување на влага како што се лека топчиња, вермикулит или кора од дрво.
Најдобро е да го тестирате супстратот пред употреба со тоа што ќе проверите колку вода испушта, а колку задржува.
Не ја притискајте Бегонијата при засадување околу корените.
ТЕМПЕРАТУРА
Бегониите најдобро се развиваат во потопли простории над 15 степени.
ВЛАЖНОСТ
Сакаат влажност во воздухот, но амбиенталната влага им е сосема доволна за правилно да се развиваат.
Не ги прскајте листовите често бидејќи тоа допринесува за развој на фунгални болести.
Доволно е да ја туширате наместо да ја наводнувате со цел да обезбедите оптимална влажност како на супстратот, така и на надземниот дел.
ПРИХРАНА
Прихранување се препорачува во активна сезона на раст (пролет и есен) и тоа не повеќе од два пати месечно со двојно разредена прихрана.
ТОКСИЧНОСТ
Овие растенија се токсични доколку се конзумираат, па доколку имате љубопитни деца и/или миленици, ставете ги на непристапни места во домот.
РАЗМНОЖУВАЊЕ
Лесно се размножува од лист или пак со веќе оформени млади корени кои лесно се одвојуваат од матичната единка.
ДОПОЛНИТЕЛНИ СОВЕТИ
Не паничете доколку долните листови започнат да се сушат, тоа е природен процес, особено кога интензивно расте растението.
Одржувајте го супстратот влажен, но не дозволувајте водата да се задржува за да не дојде до скапување.