Ficus Lyrata
Ficus Lyrata

ОПИС:

Растенијата од родот (Ficus) кои често може да се најдат во нашите цвеќари, се всушност мали примероци од прекрасни дрвја, грмушки епифити и хемифити кои живеат идеален живот и растат беспрекорно во своите нативни живеалишта.

Овие тропски растенија уживаат на светли локации во вашиот дом со задоволителна влажност со цел да се избегнат проблеми кои се манифестираат на листовите и целосно на надворешниот изглед.

Постојат многу видови кои се привлечни за љубителите на растенија и лесно можете да ги пронајдете на нашите простори, а најчесто одгледувани се растенија од видовите Ficus Elastica, Ficus Benjamina и Ficus Lyrata

Во овој текст ќе посочиме неколку со инструкции како да ги негувате овие растенија, со цел да ви се олесни процесот на нега на Фикусот во вашиот дом или оној што ќе го имате во иднина.

Фотографија: Александра Геровска

СВЕТЛИНА

За да овозможите правилен развој и здрава лисна површина, треба секогаш вашето Фикус растение да биде поставено на силна индиректна светлина, по можност и на директна сончева светлина која е умерена и нема да предизвика горење на листовите.

Недостаток на светлина може да влијае на намален раст кај растението, недоволно користење на водата и хранливите материи и со тоа и уништување на лисната површина преку појава на дамки.

Внимавајте местоположбата која ќе ја одредите да биде место кое не е изложено на провев, бидејќи осцилации во температурата може да бидат стрес фактор за негативно влијание врз растението.

Фотографија: Фросина Христоска

НАВОДНУВАЊЕ

Освен што треба да се внимава на наводнувањето, многу е важно да се знае дека неправилниот супстрат и големина на саксија можат навистина да го променат начинот на кој се развива вашето растение.

Секогаш заливањето треба да е умерено и растението да се исцеди од вишокот вода по полевање, доколку е во декоративна саксија, водата која се цеди во саксијата задолжително мора да се отстрани.

Начинот на наводнување е најчестиот причинител за посериозни проблеми кај овие видови, па така секогаш имајте на ум да проверите дали му е потребно вода на вашето растение пред полевање повторно.

Добро е секогаш супстратот да е влажен т.е водата да биде лесно достапна за кореновиот систем, но премногу вода може да направи оштетувања и привлекување на фунгални болести.

Опаѓање на листот поради многу вода
Уништување поради многу вода и недоволно светлина

СУПСТРАТ – ПОЧВА

Неправилно подготвениот супстрат може да предизвика задржување на вода околу кореновиот систем и недоволно исцедување на вишокот вода, со што ќе придонесе за скапување и уништување на растението.

Внимавајте земјата да има добра дренажа, но истовремено да има компоненти како кокосов тресет, глинапор, вермикулит кои ќе задржат доволно влага за да растението правилно се развива.

Уништување поради неправилен супстрат и многу влажен супстрат
Лош супстрат и задршка на вода

ТЕМПЕРАТУРА

Идеалната температура за развој на ова растение е од 15-25 степени. Во текот на топлите денови може да се изнесе надвор со цел оптимално да се развива.

ВЛАЖНОСТ

Влажноста е еден важен параметар којшто доколку е задоволен ќе си ги намалите проблемите кај овие растенија.

Идеална влажност е 50%-60%, за да можете да бидете сигурни дека ќе се развиваат добро во текот на зимскиот период користете навлажнувач или алтернативен метод за зголемување на влажност.

ПРИХРАНА

Користењето на прихрана е од голема важност и истата треба да NPK балансирана, најдобро да биде растворлива во вода во сооднос 8:8:8.
Пожелно е да се прихрануваат растенијата еднаш месечно во активната сезона, и вкупно два до три пати во текот на периодот од Ноември до Март (еднаш на околу 2-3 месеци).

ТОКСИЧНОСТ

Клеточниот сок на растенијата од овој род е токсичен и за вашите деца и за вашите миленици доколку се конзумира.

Реакцијата може да биде проблеми со гастроинтестиналниот тракт и кожни иритации.

РАЗМНОЖУВАЊЕ

Овие растенија се едноставни за пропагација во вода и истата може да се направи од повеќе вегетативни органи како што е листот или пресек на ограноците.

Дополнително за побрзи резултати можете да користите хормон за ‘ртење.

Пропагација од лист

ДОПОЛНИТЕЛНИ СОВЕТИ

  •  Најчести штетници кои ги напаѓаат овие растенија се волнестата вошка (mealy bug) и штитеста вошка (scale) така што редовно проверувајте ги растенијата и превентивно третирајте ги.
  • Овие растенија се сензитивни и не сакаат многу преместување во краток временски период
  • Најчестиот проблем со кој се соочуваат колекционерите е опаѓање на листовите поради задршка на вода и многу често наводнување.
  • Повремено пребришувајте ги листовите со крпа со вода кај видовите со поголема лисна површина.
ДОПОЛНИТЕЛНО ЗА ВАС ОДВОИВМЕ ФОТОГРАФИИ ОД ПРЕКРАСНИ ФИКУСИ НА КОЛЕКЦИОНЕРИ ОД МАКЕДОНИЈА СО ЦЕЛ ДА ВЕ МОТИВИРАМЕ ДА КУПИТЕ ЕДЕН ЗА ВАШИОТ ДОМ
НАПОМЕНА:
Авторот има исклучиво материјално право да го користи своето дело и да дозволува или забранува користење на делото за: издавање, репродукција,дистрибуција вклучувајќи и изнајмување.
Секое прекршување на авторското право ќе биде пријавено и ќе се постапува согласно законот.

 

ПретходнаБезбедни растенија за деца и миленици
СледнаБЕГОНИЈА – украсна (НЕГА И СОВЕТИ)
Силвана Стефановски
Дипломиран биохемиски инженер и сопственик на првата инстаграм страница која нуди едукација во областа на одгледување растенија @silvsplants. Главен и одговорен уредник на www.botanico.mk