АЗАЛЕА (НЕГА И СОВЕТИ)

6144

КАКО УСПЕШНО ДА ОДГЛЕДУВАТЕ АЗАЛЕА

ОПИС:

(Лат.Azalea ssp.)
Видовите под името Азалеа припаѓаат на родот Рододендрони и се интересни, грмушести растенија кои ги освојуваат сите поради раскошните и густи цветови.

Периодот на цветање е зима наспрема пролет, а многу од луѓето кои ги добиваат или купуваат во тој период не успеваат долго да ги сочуваат поради некои грешки кои ги прават при одгледувањето како во периодот на цветање, така и после прецветувањето.

Азалеите важат за тешки растенија за одржување, но секако дека со правилна нега ќе се постигне нивен долг животен век. Додека се во период на цветање не се пресадуваат, но во текот на пролетта може да се преместат во вашата градина на правилна позиција каде нема да се оштетат понатаму.

Постојат различни видови на Азалеи, од украсни, па до надворешни ниски грмушки кои е потребно да се негуваат слично, особено во внатрешни простории, а се добиваат при вкрстување со цел да имаат различни цветови.

Кај нас најчесто се среќава и продава Azalea Simsii – Индиска Азалеа на којашто ќе се задржиме во овој текст и ќе објасниме како треба да се негува во домашни, но и комбинирани услови.

 

Да погледнеме накратко како можеме да обезбедиме идеални услови за здрави и убави Азалеи во домот.

СВЕТЛИНА

Азалеите сакаат силна, индиректна светлина, па така внимавајте секогаш да биде во близина на прозорец.

Во топлите месеци мора да се внимава да не биде изложена на директни сончеви зраци кои можат да ја уништат.

Доколку ја одгледувате комбинирано т.е во текот на пролетта ја садите надвор по прецветувањето, одберете локација со мешовита сенка со цел да не биде изложена на топлотен шок.

НАВОДНУВАЊЕ

Наводнувањето на Азалеите треба да биде константно, но умерено.

Внимавајте со водата од чешма, Азалеите се растенија кои се чуствителни на хлорот кој го има во водата, па поради тоа е најдобро да се користи дестилирана, филтрирана или флаширана вода.

Потребно е земјата да има константна влажност, во спротивно листовите ќе почнат да пожолтуваат и ќе бидат свенати, а цветовите ќе започнат да се уништуваат.

Листови и цветови поради недостаток од вода

Најдобро е да наводнувате умерено, не треба да ставате премногу вода, но не треба да оставате да биде сува почвата од едно до друго наводнување.
Идеално е да наводнувате од долу, што значи да ставате вода во сад од кој ќе прима вода по потреба.
Премногу вода може да направи истата да се задржува околу корените и вашето растение да почен да скапува.

СУПСТРАТ – ПОЧВА

Азалеите се растенија кои сакаат кисела почва, па така обидете се на самата цемја pH вредноста да биде од 4.5-6.

Користете супстрат (почва) која задржува влага, но има добра дренажа (водата брзо истекува од саксијата).

Најдобро е да кориситете тресет, кокосови влакна или сфагнум мов со цел да постигнете идеална влажност на земјата.

Супстратот со текот на времето станува алкален доколку наводнувате со вода од чешма, поради тоа е најдобро да ставате отстојана или дестилирана вода.

ТЕМПЕРАТУРА

Ова растение сака константна температура и реагира на големи осцилации со отфрлање на листовите или пак промена на боја.

Обидете се температурата на просторијата во која ја чувате вашата Азалеа да биде од 13-20 степени и растението да не биде во близина на врата или места каде има провев и каде ќе доживува периодичен стрес.

Штом дневните температури се стабилизираат, можете Азалеата да ја пресадите надвор, на место каде нема да е изложена на директни сончеви зраци.

ВЛАЖНОСТ

Овие растенија сакаат висока концентрација на влага во просторијата, па така во зимскиот период кога имаме употреба на грејни тела, потребно е да се прскаат често и листовите да се пребришуваат со крпа.

Доколку растението е изложено на сува просторија, листовите ќе започнат да се уништуваат.

Уништување поради дехидратација

ПРИХРАНА

Азалеите не е потребно да се прихрануваат, доколку сепак одлучите да додадете прихрана, најдобро е концентрацијата на NPK да биде во сооднос 3:2:1 и тоа да биде еднаш до два пати годишно.

ТОКСИЧНОСТ

Сите делови од Азалеата се токсични и треба да бидат подалеку од дофат на деца и миленици.

РАЗМНОЖУВАЊЕ

Растенијата се тешки за размножување и тоа најчесто се прави со резници.

ДОПОЛНИТЕЛНИ СОВЕТИ 

  • Овие растенија привлекуваат многу штетници, па така често проверувајте ги бидејќи потребно е на време да се реагира доколку забележите бела вошка или други инсекти.
  • Откако цветовите ќе прецветаат, потребно е нежно со кружно движење да ги отстраните и да продолжите да се грижите за остатокот од растението којшто можете да го пресадите надвор.
  • Азалеите потребно е да се кројат со цел да ја задржат убавината на својата грмушка. Тоа се прави при крајот на летото и во текот на есенските месеци.
  • Хлороза е состојба која често се среќава кај азалеите, а за одликува со жолтеење на листот поради неправилно наводнување, лош супстрат, задршка на вода или температурни промени. Ова е резултат на недостаток на железо во супстратот.
  • Постојат и видови на Рододендрони кои можете да ги оставите во текот на целата зима надвор и нема да имаат никаков проблем.

 

НАПОМЕНА:
Авторот има исклучиво материјално право да го користи своето дело и да дозволува или забранува користење на делото за: издавање, репродукција,дистрибуција вклучувајќи и изнајмување.
Секое прекршување на авторското право ќе биде пријавено и ќе се постапува согласно законот.
Претходна10 Растенија за места со малку светлина
СледнаОРХИДЕЈА – ФАЛЕНОПСИС (НЕГА И СОВЕТИ)
Силвана Стефановски
Дипломиран биохемиски инженер и сопственик на првата инстаграм страница која нуди едукација во областа на одгледување растенија @silvsplants. Главен и одговорен уредник на www.botanico.mk