Знаеме дека сакате зелени приказни исто колку и ние, па поради тоа ја избравме Сузана за оваа рубрика и нејзината колекција која е вистинско задоволство да се гледа дури и преку екран.
Што ни кажа таа за себе, прочитајте подолу.
Како што забележуваме, во колекцијата најмногу доминираат сукуленти и кактуси, дали тоа значи дека не ви оди со другите растенија или не ги одгледувате од друга причина?
Кога го гледате, мојот профил на инстаграм, точно е дека доминираат најмногу фотографии со сукуленти и кактуси. Тие се мојата прва љубов од растителниот зeлен свет.
Со текот на времето, во домот, собирав и други растенија, како ZZ plant, Хлорофитуми, , Сингониуми, Моnstera adansonii, Африкански љубичици, Потоси (Епипремнуми), Пеперомии и др.
Просторот во мојот дом не е голем, но некои 15м2 се преполни со растенија.
Со текот на времето, научив кои растенија можам да ги одгледувам дома и сеуште учам. На пр. И покрај, многубројните сукуленти во мојата колекција, не успевам да одгледувам Ешеверии, Каланхое итн. поради „чудниот” агол на светлина (немам инвенстирано во вештачко осветлување)
Исто така, една од пречките е што немам тeраса, па во топлите месеци, морам да вклучувам вентилатор за зголемување на циркулацијата на воздухот.
Можеби е време да размислувам за да го променам местото на живеење – ова се шегувам, малку.
Како започна вашата приказна со растенијата и кога?
Пред 6 -7 години, мојата телесна инвалидност се влоши и повеќе од времето бев дома. Гледајќи фотографии низ интернет, инстаграм, ФБ и сл. одлучив моето хоби да е токму растителниот свет, љубовта кон домашните растенија, па за почеток започнав со сукуленти.
Според мене, сукулентите, полесно се одржуваат во живот, бидејќи се толерантни на суша, растат во помали саксии и не завземаат толку простор како другите домашни растенија.
Во тоа време, не знаев за нивната потреба од светлина и многу од сукулентите ми стануваа етиолирани (издолжени) – но, жив човек на грешки се учи.
Првото растение, ми беше еден мал примерок на Алое вера – кој за жал, не успеав да го сочувам. После една година, едноставно се стопи. Но, не се откажав, во меѓувреме, купив и други сукуленти. Некои од нив, веќе ги немам, но бев упорна, почнав многу да читам и учам за сукулентите, а потоа и за другите растенија.
Сега во мојот дом, имам околу 300 растенија.
Што е она што ве мотивира да одгледувате растенија, зошто баш ова хоби?
Најважно нешто во одгледувањето на растенија во затворен простор е што можам да гледам како истите растат и се развиваат, да се грижам за нив.
Тие ми се најдоброто друштво за разговор со утринското кафе, тие ми се испирација. Растенијата, цветовите, самотијата и природата никогаш не ме изневериле.
Тие не прашуваат ништо и секогаш даваат, утеха и радост. Тие внесуваат живост во домот, а се и одлична алатка за дизајн во истиот, едноставно има позитивни вибрации од нивното постоење.
Еве, ќе ви напишам и една моја стихотворба, инспирана баш од растенијата во мојот дом, каде растенијата ги именувам со заменката „ТИЕ”:
Кафе, музика, нет и Тие.
Ми буричкаат во душата,
Инспирација за животот,
Радост во срцето, љубов,
Спокој, оладени мисли.
Сурови статуси, натписи, коментари
Читам
Луѓе очајни,
Несреќни и среќни,
Болни и здрави,
Луди и умни,
Тажни и насмеани.
Парадокс на радоста!
Мислите зовриваат,
Завршува нормалниот тек на нештата.
Не, не им дозволувам
Да ми го зафркнат денов.
Го вртам погледот кон Тие
-
Насмевка!
Од каде ги набавувате ретките примероци во колекцијата, можеме да забележиме многу необични видови кои ретко се среќаваат кај нас?
За жал, бидејќи не сме членка на ЕУ, кај нас купувањето од странство (увозот) за физички лица е многу специфичен. Но, ете се снаоѓам.
Некои примероци се набавени надвор од нашите граници, некои сум ги начекала во нашите градинарски центри.
Многу е добро, што постојат инстаграм профили и ФБ групи, каде може да се направи размена на растенија или да се купат вишок на растенија од колекционери.
Изминитиве години, немам продадено, ниту едно растение. Ретко размножувам, а ако тоа морам да го направам, тогаш го подарувам растението на некој од мојата околина.
Кои растенија за вас се најпроблематични?
Уф, ако ги тргнеме Ешевериите, кои веќе ги спомнав, во мојот дом, тешко ми оди со Орхидеите – никако, да им го фатам крајот.
Исто така, Алокасија, Папрат, некои видови кактуси и некои видови на низи (сенецио).
Ќе морам, да пробам и истражувам, уште неколку пати со некои видови растенија.
Моето верување е дека, нема “проблематични” растенија- едноставно, треба да им се погоди местоположбата, температурната зона, наводнувањето, аерацијата и сл.
Како се справувате со болестите кај растенијата, дали успевате да ги заштитите?
Без разлика, дали сум била вреден родител на моите растенија или сум во период кога немам доволно време за зеленилото, работите знаат да тргнат наопаку.
Кога го одбираме баш ова хоби, мора да научиме, дека некои работи се надвор од нашата контрола и најважно е да учиме од грешките.
Со текот на времето, научив да ги “читам” растенијатa и тоа многу ми помага во одгледувањето.
Набљудувањето е најбитно – не само проверката дали им треба наводнување, туку гледање како тие реагираат на вода и на светлина, како и забележување на промените при растот.
Растенијата во домот сакаат да се бидат чисти, поради тоа е потребно редовно отстранување на прашината со влажна крпа од лиснатите растенија (некои одат и под туш), како и отстранување на прашината со мека четка од кактусите и сукулентите.
Добро е да се има, при рака бело масло (масло од Ним) разредено и да се прскаат растенијата, тоа помага и како превентива и да се ослободиме од некои штетници.
Ова масло го набавив пред 1,5 година и сум задоволна. Инаку, секогаш во мојата земјоделска аптека, имам 70% алкохол, 3% хидроген и некои инсектициди, фунгоциди, цимет…
Како би ги мотивирале нашите читатели да започнат со одгледување сукуленти, што е она што ги прави посебни ?
Одгледувањето на растенија во домот, е добро за менталното здравје. Ослободуваат од стресот, едноставно ве ресетираат.
Кога ќе се вратите од работа или сте имале ден со стресни ситуации, поминете малку време со растенијата, макар имале едно, две, три растенија. Разговарајте со нив, не буквално, сакајте ги, учете од нив, за молкот и тишината, за трперливоста, за убавината, за радоста. Подарете им време и грижа.
Со растенијата, сфатив, дека не се совршени. Од нив не може да очекувате совршенство. Тоа ми помога да уживам со нив многу повеќе и ме натераа да размислувам, како тоа да го применам во сопствениот живот.
Не треба да имаме многу очекувања од себе, можеме само да уживаме онакви, какви што сме.
Ако, земете растение и го ставите во темен агол и не успеете да го наводените, не очекувајте дека ќе напредува. Сте ги промашиле условите.
На овој начин, треба да се гледаме и себеси. Ако не напредуваме онака како би сакале, можеби тоа не е наша вина, можеби тоа се условите во кои се наоѓаме. Затоа, наместо да се обвинуваме себеси, да научиме да се грижиме за себе..
Мене растенијата, ми носат радост и ми дават причина за размислување и осознавање, едноставно ми даваат фокус. За мене се инспиративни, едноставно им се восхитувам на издржливоста која ја имаат.
За сите почетници, според мене е најважна евиденцијата и планирањето. Запишете име на секое растение, кои се неговите потреби, читајте за него.
Секогаш, планирајте пред да купите ново растение, дали имате да му дадете соодветен простор за живеење и време кое ќе им го посветите само ним.
Подарете им љубов, внимание и грижа – растенијата ќе ве наградат двојно повеќе.
Ви благодариме на одвоеното време и споделената Зелена приказна, се надеваме ќе бидете мотивација нашите читатели да започнат да одгледуваат повеќе растенија.