АНТУРИУМ (НЕГА И СОВЕТИ)

52
anthurium

ОПИС:

Антуриум е род кој брои преку 1000 видови на растенија во светски рамки, но за жал кај нас може да се сретнат само неколку видови, а најчестиот кој сите го знаат и на кој ќе се задржиме повеќе е Anthurium Andraeanum познато под името Фламинго или Сликарски јазик.

 

 

Иако овој вид е најчест на нашето поднебје, не е единствен, па така во светот има илјадници видови кои изгледаат прекрасно и се вистински предизвик за колекционерите.

Погледнете неколку од нив во оваа селектирана галерија за вас:

Нега на Антуриуми

Антериумите важат за лесни растенија за нега доколку правилно се одгледуваат.

Овие растенија, бидејќи се епифити (во природата растат на други растенија) најважно е да се погоди супстратната мешавина т.е земјата во која растат.

Идеален супстрат би бил сличен како оној за Орхидеи, што вклучува органски дел – најчесто кора од дрвја, хумусна или шумска земја, како и неоргански супстрат како тресет или кокосов супстрат.

Најважно за ова растение да може правилно да напредува е истото да има добар проток на водата, наводнувањето да е умерено и да се чува во потопла просторија и константна температура.

Овие растенија се токсични за миленици и луѓе доколку се конзумираат, затоа треба да се внимава истите да не бидат ингестирани на било каков начин.

Anthurium AndraeanumAnthurium

Ќе кажеме нешто повеќе за овој Антуриум како најчест и најпознат на овие простори.

Се одликува со цветови налик срце и најчесто нивната боја е црвена, но може да се најде и во розева боја.

Ова растение е исклучително лесно доколку правилно се одржува, а тоа би значело правилно подготвена земја, наводнување, прихрана и доволно светлина.

 

НАЈЧЕСТИ ПРОБЛЕМИ

Кога станува збор за проблеми со Антуриумите можам да кажам дека најчесто одгледувачите имаат проблем со одложено цветање или инфекција на лисната површина и/или скапување на растението.

Сите овие проблеми се предизвикани од различни фактори па така добро е да се препознаат во почетна фаза.

Премногу вода – скапување

Голема количина на вода, неправилен супстрат и немање отвори на саксијата придонесуваат за задржување на водата и скапување на растението.

Многу често во почетната фаза на растението може да забележите потемнување на листот, а и многу мушички кои летаат над почвата како знак дека има премногу влага или вода која треба да се истури.

Црвен пајак

Овој паразит навистина знае да направи проблем, па затоа се препорачува секогаш растението да се проверува и на време да се изолира и третира.

Црвениот пајак се одликува со последици кои се одразуваат како пожолтувања на листот, свиткувања, неправилен раст на нови листови и по некое црвено поле видливо на силна светлина.

Сушење и паѓање на цветот

Ваква појава се случува многу често и тоа поради недоволна прихрана во супстратот, премногу вода или пак недоволно вода.

Растението кое нема задоволени услови за правилна вегетација најчесто доколку е во цвет се ослободува прво од цветот за да заштеди на енергија за другите процеси, па така бидете внимателни во фазата на цветање да одржувате умерена влага на супстратот, да прихранувате и да има доволно светлина.

Недостаток на цвет

Отсуството на цвет најмногу се врзува со недоволно светлина и недоволно прихранување, но секако може причините да бидат многубројни, особено ако се работи за растенија кои претрпеле поголем стрес или биле нападнати од инсекти во минатото или во моментот кога имате проблем со недостаток на цветови.

Бонус совети

За да имате здраво растение со многу цветови, бирајте прихрана со поголема концентрација на фосфор и прихранувајте во активна сезона (рана пролет – средина на лето)

ПретходнаФунгални болести – идентификација и третман
Силвана Стефановски
Дипломиран биохемиски инженер и сопственик на првата инстаграм страница која нуди едукација во областа на одгледување растенија @silvsplants. Главен и одговорен уредник на www.botanico.mk