Plantroom Macedonia – Инспиративна приказна од пар со пасија кон природата

461

Зелени разговори со Ана и Борче (Plantroom Macedonia)

За денес имаме двајца гости кои навистина не натераа да се запрашаме како би изгледало нашиот мал стан да го претвориме во мини џунгла која ќе не оддалечи од градското сивило.

Прочитајте ја нивната зелена приказна и дознајте зошто ги одбравме нив за денешни гости.

 

Здраво здраво, навистина се радувам што прифативте да бидете дел од оваа рубрика. Кога започна вашата зелена приказна?

Двајцата сме љубители на растенија, уживаме да сме во природа, од кога сме заедно нашата зелена приказна само ескалираше.

Колекцијата на растенија дефнитивно ни се зголеми најмногу во времето на пандемијата и карантините, тогаш повеќе време поминувавме дома, а и работата ни е претежно од дома па тоа ни е причина плус да си ја одржуваме зелената оаза и да ни биде екстра зелено и убаво дома (како да сме во природа).

Позади профилот стои пар со навистина фасцинантна колекција, дали има поделба околу обврските помеѓу растенијата, со оглед на тоа дека имате различни видови?

Да, со тек на времето приметивме дека секој од нас повеќе – природно има осет за грижа на одредени видови на растенија, па така Борче претежно ги средува бонсаи дрвцата, а јас (Ана) ги гледам сукулентите и внатрешните растенија – иако често заедно ги полеваме бидејќи ги имаме премногу па така е полесно и побрзо.

Кои три растенија ви се посебно драги од колекцијата и зошто?

  1. Голем примерок на бонсаи Фикус – кој го најдовме во еден гарден центар пред 5 години во многу лоша состојба и ни го продадоа по ефтина цена бидејќи мислеа дека му нема спас, но со многу грижа и време сега е вистински убавец.

  2. Голден потос – растение кое било на баба ми, па на мајка ми, па потоа и јас си зафатив од истото и од него имам подарено на многу луѓе, преубав примерок со убава шара
  3. Бонсаи шума со Гинко билоба – овој вид на дрво е еден од најстарите во светот, кој датира уште од пред милиони години, затоа го викаат жив фосил, па да се одгледува минијатурна верзија од нив е вистински предизвик.

Како се снаоѓате со толку многу растенија во стан? Дали е предизвик?

Дефинитивно во последно време стана предизвик, но тоа е бидејќи имаме голем број внатрешни растенија кои доста се пораснати, а просторот ни е лимитиран – живееме во прилично мал стан моментално. Но – работиме на случајот во моментов реновираме поголем стан каде што наскоро ќе се преселиме и се погриживме да има големи прозори за да влегува мнооогу светлина и да уживааат растенијата.

На профилот можеме да видиме и рачно изработени саксии, од каков материјал се и дали има можност за порачка на истите?

Пред неколку години имаше многу слаб избор на саксии кај нас, а не сакавме така убави растенија да ги ставиме во било какви саксии бидејќи естетски не личеа убаво, па така почнавме сами да си правиме саксии од бетон кои ги цртавме во различни дизајни, ги изработуваме и во терацо стил, мермер итн.

Се појави доста голем интерес за нив и ги правевме и по нарачка, со договор околку дизајн, цена и слично, но во моментов тие се на пауза додедка да завршиме со реновирање и да се преселиме – потоа би сакале да продолжиме со нивна изработка.

Кои три растенија би ги препорачале за луѓе кои сега започнуваат со својата зелена приказна?

Наше мислење е дека секој треба да проба со неколку различни видови на растенија и да открие сам кој вид му одговара и секако за кој има услови на чување, да не се разочаруваат доколку некој вид не вирее кај нив, бидејќи неможеме на секое растение да му ја погодиме негата и тоа е нормално, но некои видови важат како посебно лесни за одгледување па би ги издвоиле:

Број 1:Сите видови на Потоси (Годен, Неон, Квин, Маџула.. било кој) преубави се, ги има во разни бои, а не бараат посебни услови на нега

Број 2: Зз плент (кај нас познато и како Замија – иако не е) бара малку вода и малку светлина, а расте прилично големо и е убава зелена декорација

Број 3: Монстера – исто расте големо, има големи листови, не бара посебна нега, а е прекрасна декорација и во последно време е многу актуелно растение повторно иако многу од нашите баби истотака го имале во своите домови.

На нашиот профил одвреме на време правиме продажба на мали примероци кои ги имаме размножено од растенијата во нашата колекција и се одлична можност за секој што сака да си го збогати својот дом со зеленило (често има и ретки примероци кои не се достапни сеуште за продажба во нашата земја)

За крај би сакале да ни напишете како се чуствувате кога сте покрај растенијата или работите со нив? (очекуваме одговор од двајцата поединечно)

Борче – Се чувствувам зен и кога би имал време и по цел ден би го посветувал на нив.

Ана –  Грижата за растенија е хоби кое е многу релаксирачко, а присуството на растенија во домот мислам дека е и повеќе од декорација, на некој начин имаме дел од природата покрај нас.

Ти благодариме Силви на интересот за нашата зелена приказна и уживаме да ги читаме твоите објави и едукации за грижа на растенијата, прекрасно е што секојдневно гледаме како се зголемува бројот на љубители на растенија кај нас.

 

Ви благодариме што ни ја раскажавте накратко вашата зелена приказна и ви посакуваме многу успеси во неа и во иднина.

 

 

 

НАПОМЕНА:
Авторот има исклучиво материјално право да го користи своето дело и да дозволува или забранува користење на делото за: издавање, репродукција,дистрибуција вклучувајќи и изнајмување.
Секое прекршување на авторското право ќе биде пријавено и ќе се постапува согласно законот.
ПретходнаРачно изработени саксии
СледнаПодгответе супстрат за било кое растение
Силвана Стефановски
Дипломиран биохемиски инженер и сопственик на првата инстаграм страница која нуди едукација во областа на одгледување растенија @silvsplants. Главен и одговорен уредник на www.botanico.mk