Проверка на коренот кај растенија

1385

Зошто е важно да се проверува коренот кај растенијата?

Сите ние сме се соочиле со проблеми кај растенијата кои се случуваат одеднаш и знаат да не изненадат поради брзината со која нашето растение се уништува.

Една од грешките кои се прави во овој случај е зголемено наводнување или преместување на растението, наместо да се премине на еден поважен чекор – ПРОВЕРКА НА КОРЕНОВИОТ СИСТЕМ.

Функцијата на коренот кај растенијата

Коренот е дефинитивно најважниот дел кај растението бидејќи благодарение на истиот растението се прикрепува за подлогата и ги прима водата и хранливите материи преку кои се храни, расте и се развива.

Уништен или оштетен коренов систем дефинитивно предизвикуваат видливи промени кај надземните органи на растенијата – стебло, лист, цвет.

Поради ова, секогаш кога забележуваме промени кои брзо се шират, мораме да преминеме на проверка на кореновиот систем со цел да спречиме ширење на гниење или болест која може да го уништи целото растение.

Чистење на коренов систем

За да може да се воочи состојбата на коренот, важно е истиот да се измие и исчисти добро.

Некогаш, кај растенијата кои прв пат ги пресадуваме можеме да сретнеме пластичен дел околу коренот во вид на мрежеста чашка или коноп кој го затега коренот во една оска.

Потребно е најпрво, овие додатоци да се извадат со цел коренот да се ослободи и да добие можност правилно да се развива.

Здравиот коренов систем најчесто има светла боја и на допир е тврд и не се рони и гмечи, додека кореновиот систем кој е болен е со потемна боја и се рони или е многу мек на допир.

Детекција на проблем кај коренот

Во случај кога супстратот задржува вода и средината е неповолна, многу често се равива фунгална болест и коренот започнува да скапува.

На почетокот растението дава сигнали со опаѓање на листовите, пожолтување на листовите или пак овенување и млитав изглед.

Постепено, доколку почетната фаза се игнорира, растението започнува да потемнува во делот на стеблото и започнува напредна фаза на скапување каде е потребно да се отстрани делот кој е зафатен од болеста и да се премине на презакоренување на здравите делови на растението.

Во прилог може да се види како изгледа коренов систем во скапување и како е започнато ширење на скапувањето од долу према горе (деловите со потемна боја кои на допир се меки)

Скапување

Скапување на коренот

Здравиот коренов систем пак, е разгранет и цврст, најчесто со светло бело-жолта нијанса и на пресек се одликува со здраво ткиво.

Ваквиот корен претставува добар знак за спасување на растението независно неговиот надземен дел.

Здрав коренов систем

Пресадување

При пресадување на растенијата кои сме ги купиле треба да внимаваме секогаш да го ослободиме коренот и да го припремиме за правилен развој.

Најчесто во потрага по хранливи материи, коренот многу се разгранува и потребно е да се скрои дел од него со цел растението да се насочи во формирање на лисна маса и растење во надземниот дел.

Промени на кореновиот систем

Многу често, при неповолни услови, кај растенијата може да се сретнат воздушни корења и адвентивни корења кои се резултат на недостаток на хранливи материи, влага или оштетување на главниот коренов систем.

Воздушните корени најчесто се појавуваат на стеблото и се во вид на ситни бели влакненца, чија улога е да го снабдат растението со атмосферска (воздушна) влага.

Вакви корени многу често може да се воочат кај сукуленти кои се издолжуваат во текот на зимскиот период.

Издолжен сукулент со воздушен корен

Адвентивните корени пак, се корени кои се развиваат од стеблото или листот наместо од ембрионалниот корен и истите укажуваат на некаков проблем со главниот корен или недостаток на хранливи материи во супстратот, како и неповолен супстрат.

Адвентивни корени од стебло
Адвентивни корени од стебло
Адвентивен корен од лист
Адвентивен корен од лист

Освен споментатите корени, постојат растенија како Орхидеите кои се прикрепувачки (епифитни растенија) и имаат коренов систем во вид на воздушни корени со специјално ткиво веламен(кое е порозно,празно и богато со пори)  способно да ја апсорбира влагата и да помага во растење и одржување на растенијата во живот.

Воздушни корени кај Орхидеја
Воздушни корени кај Орхидеја
НАПОМЕНА:
Авторот има исклучиво материјално право да го користи своето дело и да дозволува или забранува користење на делото за: издавање, репродукција,дистрибуција вклучувајќи и изнајмување.
Секое прекршување на авторското право ќе биде пријавено и ќе се постапува согласно законот.
ПретходнаБЕГОНИЈА – украсна (НЕГА И СОВЕТИ)
СледнаДРАЦЕНА (НЕГА И СОВЕТИ)
Силвана Стефановски
Дипломиран биохемиски инженер и сопственик на првата инстаграм страница која нуди едукација во областа на одгледување растенија @silvsplants. Главен и одговорен уредник на www.botanico.mk